II с.в. и потоа

II светска војна и по неа


Овие 55 години го изменија предзнакот на Велес. Од трговско-занаетчиски Велес прерасна во индустриски град. Во 1947 година прехранбената индустрија станува белег на градот преку фабриката за масло “Благој Ѓорев”, Крзнарската индустрија “Димко Митрев”, потоа следат претпријатието за преработка на тутун, металната индустрија “Браќа Кошулчеви”, “Жито Македонија”, фабриката за порцелан, Свиларскиот комбинат, а подоцна фабриката за талк, производството на цигли и на вар во фабриката “Киро Ќучук”. Подоцна индустриската слика ја дополнуваат фабриката за производство на предено и конец “Ветекс” и најголемата грешка, најголемата болка на велешани Топилницата за олово и цинк “Злетово” која од 1975 година кога го започна производството, до денес претставува причинител за енормни загадувања на животната средина. Хемиската индустрија “Велес” е последниот голем индустриски капацитет изграден во Велес. Агрокомбинатот “Лозар” е најголемиот од овој вид во Општината кој обединува производство на храна и нејзина преработка.

Во ова време на сестран подем и развој се урбанизира Велес, добива нова слика, нови градби, му треба повеќе простор и ја зголемува својата градска зона. Изградени се современи улици и патишта, училишта, здравни домови, болница. Велес е просечна урбана средина на Македонија, со големи можности за развој.