уметност

Уметност

Александар Сашко Попов – академски сликар
Роден во Велес 1933 година, Попов е дипломец на Академијата за применета уметност во Белград, СРЈ. Неговото творештво е препознатливо преку реалистичното сликарство кое е надополнето со експресивни елементи. Попов, исто така од модерните правци ги претпочитана симболиката, надреализмот и фантастиката. На најголем дел од неговото творештвото академскиот сликар ги користи сликарските техники масло на платно и цртеж. Реализирал вкупно 131 изложби од кои 20 самостојни во земјата и странство. Освен на поранешните Југословенски простори, самостојно излагал во Торонто – Канада и Дејтон – САД. Попов е добитник на највисокото признание на општина Велес плакетата 9ти Ноември како и наградата за животно дело ,,Гемиџии“ на градот Велес.
 
Ангел Петров - академски сликар
Роден е 22.08.1933 год. во Велес. Средно Уметничко училиште завршува во Скопје кај професорите  Личеновски, Мартиновски, Коџоман и Борко Лазески. Во втора година од ова училиште е награден како најталентиран од генерацијата. Образованието го продолжува во Белград на Академијата за применета уметност која ја завршува во 1962 год. во класата на Винко Грдан. Веќе од наредната 1963 год. започнува самостојно да изложува.Член е на ДЛУМ од 1967 година. Негови дела се наоѓаат во многу музеи, галерии, како и кај приватни колекционери во Македонија и светот. Неговиот ликовен опус се содржи од 5 ликовни фази и тоа: пејзажи, портрети, актови, коњи и стара Велешка архитектура. Ги негува  ликовните техники: масло, пастел, акаварел, туш, акрилик и комбринирани техники. Добитник е на Спомен плакета „9-ти Ноември“ во 1998 година, наградата за животно дело „Ѓемиџии“ - 2004 год -Велес и други значајни награди и благодарници. Има реализирани над 200 групни и 40 самостојни ликовни изложби во Македонија, Хрватска, Словенија, Србија и  Германија. Академскиот сликар Ангел Петров е автор на голем број портрети на Коста Солев Рацин.

Војко Јаневски – академски сликар
Творечкиот опус на Јаневски во македонската уметност е препознатлив по немирниот дух на авторот кој постојано истражува низ времето и просторот на човековите универзални вредности. Творејќи цели 37 години, Јаневски создал не мал број дела во кој доминираат цртежот, графиката и акварелот и реализирал вкупно 212 изложби. На 17 изложби било претставено самостојното творештво на авторот. Освен дома Јаневски излагал и во државите од поранешните ЈУ простори. Учествувал на повеќе ќерамички изложби во Македонија, Белград и Суботица – СРЈ, Софија - Бугарија, Измир и Истамбул – Турција и Атина – Грција. Добитник е на повеќе награди а меѓу нив и за скулптура во слободен простор во Загреб-Хрватска, на 5-то Триенале на Југословенска керамика и на „Бигорски следбеници“ годишна награда на ДЛУПУМ, каде членува од 1974 година. Јаневски е роден во 1940 година во село Грнчиште, Велешко. Академија за ликовни уметности завршил во Загреб, Хрватска во 1968 година.

Д-р Фехим Хусковиќ – академски графичар
Роден во 1967 година во велешката населба Оризари, Д-р Хусковиќ и припаѓа на помладата генерација уметници во градот. Завршил ФЛУ во Скопје, магистрирал графика, а докторирал во Софија – Бугарија. Реализирал 29 самостојни изложби во Македонија и низ светот, излагал дела на над 300 групни изложби и учествувал на 60 Меѓународни колонии и симпозиуми. Добитник е на петнаесеттина награди во државава и надвор од неа, како и на 9-то ноемвриското признание на Општина Велес. Д-р Хусковиќ работи како редовен професор на Факултетот за ликовна уметност во Скопје.

Ангел Коруновски – академски вајар
Младиот уметник Коруновски, како автор скулптор се изразува пред се преку дрвото чија структура и изразност најчесто ја надополнува со вметнување на метал, со што основната форма добива нова изразност. Тој поретко употребува боење. Неговите дела исто така имаат и поапстрактни, скоро кубистички решени геометриски структури. Во творештвото на Коруновски може да се забележи дека тој прави обиди делата да ги сведува до рељеф. Автор е на споменикот ,,Велешки Илинденци“ во центарот на Велес. Роден е во 1979 година во Велес. Дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во Скопје во 2003 година, на отсекот вајарство. Излагал на 13 групни изложби и 5 колонии реализирани во Велес, во Република Македонија , на просторите од поранешна Југославија и во Бугарија. Добитник е на три награди студент на генерација на ФДУ, за најдобро идејно естетско решение на скулптура и композицицја кај скверот Идадија од градот Скопје.

Спасе Перовски – академски сликар
Како припадник на младата велешка генерација академски сликари, Перовски зад себе веќе остварил 4 самостојни изложби. Неговото творештво е презентирано и во рамките на 18 групни изложби како и на 12 колонии и проекти. Во неговото портфолио се запишани и повеќе значајни случувања и манифестации чиј организатор е овој ликовен уметник. Меѓу нив се наоѓаат Меѓународното биенале на графика – мал формат, Авторски низ пројавното, Разликите обединуваат и други. Перовски е роден во Велес во 1971 година. Тој е дипломец на факултетот за ликовна уметност во Скопје.

Живко Пренџов – академски графичар
(www.zprendzov.blog.com.mk)
Препознатлив по графичките дела чија лирска форма асоцијативно потсетува на напуштената стара македонска архитектура, Пренџов излагал на сите досега организирани изложби на Друштвото на ликовните уметници на Велес. Освен на 40 групни изложби во државава и странство учествувал и на 9 ликовни колонии во Македонија и надвор од неа. Роден е 1957 година и дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на педагошкиот оддел, графичка насока. Пренџов е добитник на прва награда за дизајн на производи на манифестацијата „Златно сонце на годината“ на три златни медали од саемските манифестации Загребски меѓународен велесаем и „Експо“ во Брисел 2000 и 2001 година. Сојузот на ликовни педагози на Македонија во 2004 година му ја додели наградата за графика ,,Б. Барутовски“. Вработен е како професор по ликовно образование со единствена цел да создава кај учениците љубов кон убавото и естетското.

Борче Стојанов – академски сликар

Роден во Велес во 1972 година, Стојановски е дипломец на Факултетот за ликовна уметност во Скопје каде во 2002 година магистрирал сликарство. Член е на Друштвото на ликовните уметници на Велес, на кое беше и претседател. Исто така членува и во Друштвото на ликовни уметници на Македонија , а од 2002 година е почесен член и на Друштвото на ликовните уметници на Лом, Бугарија. Стојанов беше ко-автор, организатор и координатор на Интернационалниот мултимедијален проект „Разликите обединуваат“. Неговото творештво е презентирано на 5 самостојни изложби и на 38 групни изложби во Македонија, Југославија, Бугарија, Грција, јапонија и во Бразил. Има реализирано студиски патувања во Италија, Бугарија, Југославија и Грција. Се занимава и со научно истражувачка дејност. Факултетот за ликовна уметност во Скопје му ја додели наградата за сликарство „Борко Лазески“.

Илчо Стојанов – академски скулптор, вајар

Роден во Велес во 1973 година, овој млад уметник е дипломец на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. За обележје на неговото творештво се сметаат амбиенталните скулптури инспирирани од каменот. Најчесто скулптурите на Стојанов се изработени од мермер и дрво. Излагал на десеттина групни изложби организирани од Друштвото за ликовна уметност на Велес.

Славе Петков – копаничар
Следбеник на традиционалната македонска резба со препознатливиот охридски стил. Продолжувајќи ја традицијата на надалеку прочуената Охридска школа во творештвото на Петков се забележани класичните ликовни форми,надополнети со нови уметнички облици или сликовни синтези. Во техничките изведби на резбите обработува најразнообразни претстави од христијанската тематика и православната метафорика,библиски илустрации, ликови на светители и просветители како и сликописи од најразлична визуелна фауна и флора. Копаниците ги изработува од ореово дрво. Петков со копаничарство се бави цели десет години и создал над стотина копаници во разна форма и големина.

Љубомир Бисинов – копаничар
Ја негува традиционалната македонска резба, обележје на Охридската и Дебарско – мијачката школа. Изработува копаници од ореово дрво во плитка, длабока поткопана резба и скрозирана или тантелна резба. Инспириран од македонската староградска и сакрална архитектура, Бисинов во изминатите шест години, создал стотина ликови на светители, предмети, украсни розети, украсни рамки и парчиња мебел. Негови копаници, освен во Република Македонија, можат да се пронајдат уште во Хрватска, Србија и Црна гора, Франција и Грција.

Светозар Богдановски – градител на музички инструменти
Велешкото семејството Богдановски цели 22 години ја развива градителската традиција на музички инструменти. Во градителството најпознати се по гитарата и виолината. Со автентичност вплотена во оригинална линија на одредени делови, виолината изградена од Светозар, Марија и Тања, импонира со квалитет и со препознатлив звук прозвучува во рацете на светски признати виолински уметници. Изработена од јаворово дрво, на виолина од семејството Богдановски, концертираат еминентни виолинисти. Овие градители на музички инструменти создале над стотина виолини и петнаесеттина гитари. Виолините на Богдановски поседуваат сертификат и заштитен знак. Ова велешко семјство е единствено кое гради виолини во Република Македонија.

Миле Манчевски – карикатурист
Еден од водечките карикатуристи во Република Македонија, Манчевски, е роден 1963 година, живее во Велес и својот град од секогаш го гледа како инспиративна средина за сопственото творештво. Неговата карикатура поседува значајна длабочина со заробена и заскриена, а сепак видлива порака. Иако карикатурата со карактеристичниот потпис,, Милман – Велес – Македонија,, на почеток само не засмејува таа потоа допира до најчувствителниот сенс на рецепторот токму со невидлива порака на суштинското, егзистенционалното и есенционалното за денешницата. Манчевски е автор на 2000 карикатури и учесник на повеќе од 100 групни и самостојни изложби во државава и светот. Добитник е на бројни, награди и признанија меѓу кои „Наши достигнувања“ - државна награда, „Гран при“ на НИО „Студентски збор“, специјална награда на ЗКМ. Објавувал свои дела во најтиражните весници во Република Македонија и на просторите на поранешна Југославија. Автор е на стрипови, боенки и анимации.

Стрип центар на Македонија
Со цел да се афирмира културата на стрипот и уметноста во Република Македонија како и да се организираат авторите на стриповите во нивните креативни активности, во 2003 година, во Велес е отворен Стрип центарот на Македонија. Библиотеката на стрипови која располага со 6000 наслови на македонски, француски, англиски и српско хрватски јазик опфаќа повеќе од сто активни членови. Во центарот се организираат едукативни работилници за почетниците, но и за еминентните цртачи. Често се организираат и изложби на стрипови. Центарот издава списанија за стрипови, а периодично издава и книги на стрипови засновани на народното творештво. Секоја година, во текот на ноември центарот организира меѓународен салон на стрипови.