ЗАПОЧНА ПРОЦЕСОТ НА ПРИБИРАЊЕ ПРЕДЛОЗИ ЗА КРЕИРАЊЕ НА ПРОГРАМИТЕ НА ОПШТИНАТА ВО 2015 ГОДИНА
Од денес па се до 20-ти септември оваа година, во Општина Велес ќе трае процесот на прибирање предлози, проекти, сугестии за креирање на програмите на општината во сите области – комунални дејности, заштита на животна средина, локален економски развој, култура, социјална заштита, здравство, образование, спорт, соработка со граѓанските организации, поточно во сите области во кои општината има надлежност.
Градоначалникот Славчо Чадиев денес на пресконференција истакна дека принципот на работа на Општина Велес како во досегашниот период, така и понатаму, останува ист – максимална транспарентност во работата и максимално вклучување на граѓаните во одлучувањето како и за што ќе се трошат буџетските пари.
По завршување на рокот за прибирање предлози и проекти ќе се изготват нацрт-програми што ќе бидат на увид на граѓаните и по кои ќе се водат јавни расправи пред тие да станат официјален документ за работа на општината за 2015 година.