Свечена седница на Советот на Општина Велес

Велес како урбано јадро на овие балкански простори егзистира од 123-тата година пред нашата или цели 2137 години. Сублиматот на сите револуции во оваа милениумска угорна патека на развојот на Велес е 9-ти Ноември 1944 година. Овој светол историски настан денес Советот на Општина Велес го обележа со свечена седница која се одржа во салата „Бели мугри”.

 Во својство на претседател на Советот, оваа свечена седница ја отвори Александар Колев кој во своето обраќање пред присутните им оддаде почит и благодарност на сите паднати борци, борците починати во изминативе 70 години, жртвите од последните воени дејствија во Република Македонија и на сите херои, востаници, војводи и јунаци што се вградија во темелите на слободата на Велес.

На седницата присуствуваа истакнати личности од јавниот живот и политичкиот живот во Велес и Македонија, пратениците од Велес во Собранието на Република Македониј Димовски и Коџабашиев, министерката во Владата на Република Македонија г-ѓата Елизабета Канческа Милевска, како и замениците министри Драган Недељковиќ и Јовица Андовски, претставници на АРМ, СВР Велес, боречката организација, МПЦ и ИВЗ, стопанственици, претставници на институции и установи, невладини организации и гости од збратимените градови Самобор, Сомбор, Ужице, Слобозија, Свиштов, Силистра и Каршијака.

Во своето обраќање по повод празникот на градот кога се одбележуваат 70 години од неговата слобода, градоначалникот Славчо Чадиев се обрати и им го честиташе празникот на присутните граѓани, одддавајќи им почит на сите генерации велешани што во долгата 23 вековна историска верига посветено работеа и ги вградија своите животи, идеи, мудрост, талент и градителска моќ во нашиот Велес.

„70 години гордо и слободно ја раскажуваме историјата за трговците, Гемиџиите, за Вардар и мостовите, за Дамјанов и неговата тајфа. 70 години гласно ги пееме песните за војводите, за Алабакот, Докурчев и Офицерчето, за Миле Поп Јорданов и Петар Поп Арсов. 70 години пишуваме, учиме и градиме училишта по примерот на Џинот на свој македонски јазик и ги славиме Жинзифов, Рацин и Неделковски, народниуот учител Панко Брашнар. Тоа се придобивките на слободата. Она што е создадено и изградено, направено после жртвата на сите велешки бесмртни дејци, после 1944-тата е наше дело создадено во слобода. Од името на сите Вас им благодарам за слободата.” – истакна градоначалникот Славчо Чадиев.

На денешната свечена седница на Советот на Општина Велес беа врачени и деветоноемвриските награди и признанија на овогодинешните добитници.

Наградата Најстудент „Проф. д-р Ѓорги Шоптрајанов“ за 2014 година ја понесе студентот Кирил Дончов– студент на трета година на Филозовскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје со просек на студии од 10,00.

Добитници на Спомен-плакета 9-ти Ноември за 2014 година се Д-р Елизабета Канческа Милевска, Министер за култура во Владата на Република Македонија; Драган Недељковиќ, Заменик Министер за Култура во Владата на Република Македонија и Ансамбл „Керамичар”.

Со признание – благодарница 9-ти Ноември за 2014 година се здобија велешката компанија „Хемомак пестициди ДОО” и Локалната библиотека „Гоце Делчев” од Велес, додека со пофалници се стекнаа велешкиот хроничар Љупчо Данов и дипломираниот музичар Петре Штерјов.

Годинава поради преселбата во новата театарска зграда, на свечената седница по повод празникот на градот беше доделена и Актерската награда за животно дело „Петре Прличко“. Таа овојпат му припадна на актерот од велешкиот театар Александар Ѓеоргиев.

Најголемо достигнување за еден човек е да добие потврда дека неговата работа вредела труд, дека оставил нешто што на идните генерации ќе им помогне да го идентификуваат минатото и да се гордеат со него. Тогаш значи сме го исполниле своето животно дело.

Општина Велес во тој правец секоја година доделува и награда за животно дело „Гемиџии“ токму за оние луѓе што преку своето дело гласот за Велес го разнесуваат далеку и високо.

Оваа 2014 година добитници на наградата за животно дело „Гемиџии“ се: Јордан Витанов – Актер и Директор на НУЦК Народен театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот” Велес и Проф. д-р. Јордан Јовев – Невропсихијатар. Ним наградите им ги врачија градоначалникот Славчо Чадиев и претседателот на Советот Александар Колев.


Во уметничкиот дел на програмата следуваа настапите на кларинетистот Благој Ламјов и актерите од велешкиот театар кои одиграа дел од претствата „Шашардисани времиња”.