Во Велес се гради и се создаваат дела како никогаш досега

Општина Велес категорично ги отфрла обвинувањата на СДСМ кои се однесуваат на реализацијата на Буџетот и работењето на локалната самоуправа воопшто. Ваквите тврдења сметаме дека се класичен обид за политички маркетинг и претставување на погршена слика пред јавноста.

 

Вчерашната пресконференција на СДСМ е потврда за фактот дека во недостиг на аргументи, изнесените тврдења се обид за прикривање задоволството на Велешани за се она што е реализирано.

Во Велес, како никогаш досега, се гради и се создаваат дела исклучиво за потребите на граѓаните. 100-тината реализирани проекти во 2014 година, не охрабруваат да веруваме дека сме на добар пат.

Бидејќи бевме прозвани да им објасниме на граѓани, а во интерес на вистината, уште еднаш ќе ги истакнеме остварените проекти кои локалната самоуправа ги реализираше со поддршка од Владата на Република Македонија и Советот на Општина Велес:

• Во Велес оваа година отпочна изградбата на фабриката на германската компанија „Маркард” a која ќе се наоѓа во новоформирана индустриска зона „Караслари” каде што инвестираме значителни средства за нејзино уредување.
• За прв пат после 60 години од изградбата на мостот „Гемиџии” истиот беше целосно реконструиран а со тоа опасноста по неговата стабилност трајно е отстранета.
• Се реконстрира делницата од Велес до Катланово како и државниот пат од Велес до Штип каде се гради дополнителна трета лента. Исто така се изврши обнова и на дел од регионалниот пат до населбата Превалец.
• Оваа година во употреба беше пуштен и новиот театар „ЈХК Џинот”, објект кој претставува најголема гордост за Велешани.
• На влезот во градот кај т.н. Штипско џаде изграден е современ кружен тек за регулирање на сообраќајот а во близина на општинската зграда пешачки надвозник за жителите од овој дел на градот.
• Градот доби еден од најмодерните фудбалски терени погоден за одигрување и на меѓународни натпревари. Во наредниот период ќе се продолжи и со реконструкција на трибинскиот дел од стадионот.
• Годинава заврши и комплетната реконструкција и модернизација на Гимназијата „Кочо Рацин” и Основното училиште „Св. Кирил и Методиј”.
• Оформивме и уредивме две нови паркови површини кои претставуваат пријатни места за одмор на граѓаните. Паркот пред Основното училиште „Васил Главинов” и паркот на просторот на поранешниот Офицерски дом.
• Заврши изградбата на водоснабдителниот систем до езерото Младост. Со овој проект чиста вода за пиење ќе добијат и Речани, Башино Село, Отовица, Сујаклари но и други населени места.
• Комплетно се промени уличното осветлување на целата териоторија од општината со ново коешто е енергетски ефикасно.
• Донесена е урбанистичко-планската документација за индустриската зона Речани 2. Следи продажба на парцелите на потенцијални инвеститори со цел развој на локалната економија и отворање нови работни места.
• 20-тина улици во градот беа асфалтирани, поплочени или бетонирани. Во близина на автобуската станица изграден е паркинг простор за 100-тина возила, а на неколку локации поставени се и нови забавувачи на сообраќајот.
• Изградени се повеќе потпорни ѕидови, се заменија водоводните цевки на десетина улици во градот, а во високите зони се поставија голем број на ракофати.

Сосема погрешни се обвинувањата на СДСМ за тоа дека локалната самоуправа „буквлано ништо не сработила за да ја уреди животната средина на граѓаните кои живеат во руралните подрачја”. За тоа говорат следните факти:

• Во 2014 година во соработка со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој во Општина Велес се реализираа три многу знајачни проекти. Во Иванковци се изгради улица долга неполн километар а беше уреден и центарот на селото. На езерото Младост поставена е урбана опрема покрај пешачката патека а во с. Раштани завршува изградбата на колекторскиот систем и пречистителната станица.
• Комплетно се реконструираше локалниот пат Јазла (М-5) кој води до селата Мамутчево и Иванковци а е во должина од околу 10 километри.
• Во завршна фаза е и водоснабдителниот систем во с. Црквино. До крајот на годината жителите на ова велешко село, за прв пат ќе добијат чиста вода за пиење.
• Се изврши уредување со асфалтирање или бетонирање на улици во с. Бузалково, Раштани, Караслари, Отовица, Мамутчево. А тампониран беше патот до с. Горно Караслари, с. Сопот, с. Слп и с. Рлевци.
• Во с. Караслари се изгради трафостаница за потребите на водоснабдителниот систем а во с. Клуковец се реконструираа и школските тоалети.
• Во с. Иванковци се изгради ново повеќенаменско спортско игралиште, а во с. Караслари се гради фудбалски терен.
• Мамутчево и Караслари станаа дел од системот за управување со отпад, а дивите депонии беа исчистени и од Индустриската зона Речани и с. Раштани.

Што се однесува за реализираните приходи и расходи на Општина Велес за првите три квартали во 2014 година, тие се на највисоко ниво од било кога и изнесуваат рекордни 144.983.315 денари како приходи и 141.465.691 денари како расходи.

Ова се фактите кои СДСМ треба да ги има предвид пред нивните настапи во јавноста. Само на тој начин ќе се избегне создавање на погрешна перцепција кај граѓаните и нивно манипулирање. За разлика нив, Општина Велес ќе продолжи да работи со ист интензитет и со исто темпо во напорите за содавање на подобри услови за живот на сите граѓани.