Ученици и професори од Шербур Октевиљ во посета на Велес
Од 12 до 19 јануари годинава, во Велес престојува делегација од 36 ученици и шестмина професори од гимназијата „Алекси де Токвиљ“ од збратимениот град Шербур Октевиљ Република Франција. На 13-ти јануари годинава гостите од Франција ги прими Градоначалникот Славчо Чадиев кој им посака срдечно добредојде во Велес.
„Општина Велес има долга историја на соработка со Република Франција. Во овие клучни моменти за вашата земја остануваме ваши искрени пријатели и партнери во битката за свет без насилство, свет на можности и спокој. Искрено се надевам дека со вашето партнерство и задничка работа ќе придонесете за остварувањето на овие европски и глобални цели. Ви посакувам во текот на оваа недела да го откриете Велес не само како град со голема историја и значење за Република Македонија, туку и град со големи потенцијали и можности за развој“, рече градоначалникот.
Во рамките на престојот во Велес гостите од Франција заеднички ќе работат со професорите и учениците од четирите средни училишта од Велес на проектни задачи од областа на литературата, биотехологијата и производството на храна, металната индустрија, економскиот менаџмент и јазиците. Покрај училиштата, тие ќе имаат можност да посетат неколку компании во Велес како „Брако“ и „Леов Компани“ и заеднички да креираат виртуелни компании. Учениците ќе ги подготват гурманските специјалитети на своите градови и заеднички ќе учествуваат во училишни работилници и спортски натпревари, а ќе имаат можност да ги видат и културните знаменитости на Велес и Скопје. Воедно, македонските и француските тимови ќе работат на подготовка на заеднички проектни апликации за европските програми и престој на нашите ученици во Франција. Клучните активности се одвиваат во четирите средни училишта во Велес со учество на професорите како и ученичкиот дом „Лазар Лазаревски“ каде се сместени гостите. Покрај Градоначалникот со вечерен концерт, посетителите од Франција ги поздравија и најмладите членови на КУД „Коле Неделковски“.
На 16 јануари годинава, активностите во Велес ќе ги проследат и госпоѓа Лоранс Оер, Амбасадор на Република Франција во Република Македонија како и замениците градоначалници Гилен Годен и Муриел Жозо-Мариње од Шербур Октевиљ кои ќе престојуваат во Велес до 18 јануари.