Велес е Град на културата за 2015 година
Велес од денес официјално е прогласен за Град на културата за 2015 година. Oваа одлука денес на пресконференција во Министерството за култура, беше соопштена од страна на Министерката Елизабета Канческа Милевска.
Проектот содржи 67 манифестации кои продуцираат околу 200 културни настани од различни жанрови – Филм, музика, театар, фолклор, литература, ликовна уметност, опера и балет. Токму во нив беше препознаена разноликоста на културните манифестации и нивната комплексност како и довербата Велес со својот кадровски и логистички потенцијал да го реализира планираното.
-„Говорејќи за Велес како престолнина на културата во 2015 година, говориме за град со силно изразеното чувство на припадност и особен респект со кој се негува македонската култура и идентитет. Преку реализацијата на повеќе од 200 предвидени културни настани во 2015 година, уверена сум дека, на најдобар начин ќе се сочуваат автентичноста, традицијата, историјата и културата на Велес, но и ќе се овозможи градот да се развива и менува, бидејќи Велес тоа го заслужува.” - рече министерката Канческа-Милевска.
На настанот присуствуваше и Градоначалникот Славчо Чадиев кој од името на граѓаните на Општина Велес изрази огромна благодарност што токму Велес е избран за „Град на културата во Република Македонија“ за 2015 година.
-„Велес како историско културно јадро на Македонија, но и како континуитет на создавање и негување културни вредности во сите 23 века од неговото постоење ќе ја оправда дадената доверба и ќе покаже уште еднаш дека не случајно е културен центар на Македонија.” – истакна градончалникот Чадиев.
Велес располага со соодветни објекти за имплементација на проектот и со професионален и стручен тим за негова реализација. „Велес град на културата“ е проект на целиот град и затоа во неговата реализација ќе бидат ангажирани сите културни установи и институции, граѓански организации, но и поединци, уметници од различни профили.
Проеткот стартува со реализација веќе во недела со манифестацијата „Ноќ спроти Водици“ што ќе се реализира во соработка со Кинотека на Македонија и Народниот театар „ЈХК Џинот“ од Велес онака како што доликува – во новата театарска зграда. Станува збор за проекција на документарни филмови и прикажување на еден игран филм од домашен автор. На овој начин и симболично се започнува со корените на културата и традицијата.
Од утре комплетната програма за манифестацијата ќе биде достапна на официјалната страница на Општина Велес, а многу скоро ќе биде и отпечатен календар со настани за целата година.