Со „Ноќ спроти Водици“ започна проектот Град на културата
Велес е лулка на македонската писменост. Во Велес се темелите на драмската уметност поставени од Џинот. Со овие зборови градоначалникот на Општина Велес Славчо Чадиев во новата театарска зграда го отвори првиот настан „Ноќ спроти Водици” со кој се означи стартот на проектот „Велес – Град на културата за 2015 година”.
-„Во Велес се корените на македонскиот театар што од Џинот до денес изродија дејци што ја пишуваат неговата историја – Тинка Коларова, Петре Прличко, Тодорче Николовски и пјелада денешни врвни актери. Овде во триесетите години на 19-тиот век се удрија темелите на библиотекарството во Македонија од Ангелко Палашев. Во истиот период Хаџи Косте се потпишува како зограф и фотограф, а Андреја Дамјанов ги гради најубавите сакрални градби низ Балканот. Во оваа историска низа на културни дејци се основоположникот на профаното сликарство Димитар Андонов Папрадишки и Ѓорги Зографски, музичарите Фирфов и Гајдов, великаните на перото Жинзифов, Неделковски, Кочо Рацин. Оваа плејада на уметници што секој во својата област го отвори патот на прогресот во Македонија, создаде пред нас обврска за создавање, за творење и анимирање на трајните вредности, за негување на традицијата, на културата, обичаите, идентитетот и македонскиот код за сите идни времиња.” – истакна во своето обраќање градоначалникот Чадиев.
Пред преполната сала на новиот објект на велешкиот театар „ЈХК Џинот” во соработка со Кинотека на Македонија беше проектиран дигитално реставрираниот филмски опус на браќата Манаки - првите сниматели на Балканот. Тоа е проект на Министерството за култура со кој Македонија се претставува во светот и кој до сега го имаат видено само посетителите на фестивалот Манаки и културната јавност во Турција. Проекцијата беше придружувана со музика во живо од дуото Маротови.
Претходно присутните имаа можност да уживаат во музичките настапи на Орхидеја Дукова и Мики Секуловски, кларинетистот Благој Ламјов како и на црковниот младински хор „Св. Кирил и Методиј“.