Драган Илков го фати светиот крст во Велес
Дваесет и осум годишниот Драган Илков беше најсреќен од 94-цата велешани кои годинава се фрлија во водите на Вардар во потрага по светиот крст.
Традиционално големиот христијански празник Богојавление – Водици на бреговите на Вардар собра голем број граѓани. Овојпат, Илков успеа најбрзо од сите да дојде до светиот крст што Митрополитот на Повардарската Епархија г. Агатангел го фрли во водите на Вардар. На осветувањето на водата на реката Вардар оваа година присуствуваше и Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, градоначалникот Славчо Чадиев и пратениците од Велес во Собранието на Република Македонија. Претходно, прославата на празникот на Богојавлението во Велес започна со Света Божествена Литургија во храмот „Св. Спас“, на која чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на целото свештенство од Велес. Потоа, од храмот „Св. Спас“ беше формирана литија до мало мовче од каде што се изврши осветувањето на водите на реката Вардар и беше фрлен чесниот и животворен крст во водите.