ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЧАДИЕВ ОДГОВОРИ НА ОБВИНУВАЊАТА НА СДСМ: ОВА Е НЕДОСТОИНСТВЕНА НАВРЕДА КОН СИТЕ ШТО СЕ СПРАВУВАА СО ПРИРОДНИТЕ НЕПОГОДИ

Почитувани новинари, почитувани сограѓани,
Дозволете ми најпрво да изразам искрено жалење што во текот на вчерашниот ден кога Велес осамна со последиците од катастрофалниот пожар во населбата „Дворови” чиј исход ни е познат на сите нам, СДСМ преку пресконференција се обиде на своето конто да додаде ситни политички поени. Овој пат, од само ним познати причини, ги искористија природните непогоди и големите колични на надојдени води од реката Вардар, за да ја обвинат локалната самоуправа и директно мене како градоначалник дека не се превземени никакви чекори, цитирам „гледајќи сeир со скрстени раце”.

Ваквите обвинувања не само што се дрзок обид за политички бенефит туку и недостоинствена навреда кон целиот Кризен штаб и сите граѓани кои речиси една недела успешно се справија со природната катастрофа.
СДСМ и г-ѓата Весна Стојанова Богоевска наместо да изразат поддршка за целокупната акција во која за среќа немаше ниту една човечка жртва или последица по животот на нашите сограѓани, тие уште еднаш го покажаа своето лице, а притоа ниту со еден гест не помогнаа во санирање на последиците од поплавите. Тоа е можеби и најважната работа кога станува збор за функционирањето на СДСМ.
Што се однесува на тоа како Велес се справи со надојдените води на реката Вардар, можам да кажам дека уште при самата најава дека се очекуваат интензивни врнежи од дожд (на 29 јануари) се мобилизираше целиот Кризен штаб вклучувајќи ги претставниците на МВР, АРМ, ЦУК, ДЗС, Јавните претпријатија, градежните компании и членовите на кајакарските клубови.
Веднаш беа ставени во готовност сите расположливи ресурси се со цел благовремено да се преземат превентивни мерки за избегнување од евентуални несакани последици.
Локалното население и месните заедници директно беа информирани за најавената дестабилизација на временските услови со задолжение да ги известат сите жители, сопственици на викенд куќи и одгледувачи на добиток во наведените критични подрачја будно да ја следат состојбата и доколку има потреба да превземат итни мерки за соодветна заштита од поплави.
Уште истиот ден повторно со градежна механизација се интервенираше на мостот во близина на Башино село каде што се појавуваше задржување на големи наноси од надојдените води на реката Вардар. Со тоа, стабилноста на мостот во ниту еден момент не беше доведена во прашање.
На повеќе пунктови долж течението на Вардар, се поставија вреќи со песок и се направија насипи за заштита од можното излевање на реката на сите критични места. Притоа на сите граѓани кои што побараа вреќи за заштита, веднаш им беа доставени како превентивна мерка во спречувањето на поплавите.
Викендот, кога опасноста од поплавување беше најголема, стручните екипи на Општина Велес и Кризниот штаб постојано беа присутни на терен во населбата Речани и Шорка справувајќи се со надојдените води. За таа цел се активираше целокупната механизација која беше на располагање, беа ставени во функција и пумпите за одводнување а онаму каде што имаше потреба беа евакуирани и неколкумина жители. На сите останати кои беа загрозени им беше укажаана соодветна помош а притоа им беа обезбедени и основните животни намирници.
Во оваа насока, колку за информација, ќе напоменам дека уште во текот на изминатата година во соработка со Владата на Република Македонија се потрошија 8 тони нафта за расчистување на речните корита на дел од реката Вардар и Отовичка река.
Затоа на крајот, почитувани сограѓани, слободно можам да кажам дека Велес успешно се справи со надојдените води на реката Вардар, без ниту една загуба на човечки живот. Секаде онаму каде што е пројавена материјална штета, ги повикувам жителите да достават овде во Граѓанскиот сервис центар барање за проценка на штетите од поплавите и неодамнешното невреме. Комисијата надлежна за оваа проблематика веќе е на терен и ги сублимира првичните проценки, а понатамошната постапка ќе продолжи согласно законски предвидената процедура.
Ви благодарам!