ОШТЕТЕН Е ДЕЛ ОД ВОДОСНАБДИТЕЛНИОТ СИСТЕМ ДО ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ

Општина Велес изминативе три години максимално ги вложи своите професионални и технички капацитети за да се изгради водоснабдителниот систем до Езерото Младост од кој со чиста и здрава вода за пиење ќе се снабдуваат не само крајбрежните капацитети туку и останатите 4.000 жители од околните населби.

 

Покрај материјални средства во висина од околу 42.000.000 денари, во овој систем се вложени и многу други ресурси се со единствена цел просторот околу езерото и општината воопшто да станат погодна и препознатлива туристичка дестинација. Затоа, апелираме до Вас почитувани сограѓани, чувајте ги изградените капацитети. Нека останат наша гордост. Наместо за поправка на објектите и опремата нека останат средства за нов водовод и канализација, за нов парк и ново катче за игра и одмор. Да не се уништува направеното! Чувајте го сето она што го имаме! Тоа е купено и направено со пари на граѓаните, и им припаѓа на граѓаните. Колку подобро ги чуваме изградените работи, толку подолго и ќе ги имаме.