Концерт на македонскиот композитор и пијанист Дуке Бојаџиев
Во рамки на „Велес - град на културата“, а во организација на НУЦК Народен театар „ЈХК Џинот“ - Велес, вечерва во новата театарска зграда, свој концерт одржа македонскиот композитор и пијанист Дуке Бојаџиев насловен како „Сон. Верба. Љубов”.
Покрај Дуке Бојаџиев на пијано, на концертот настапија Исмаил Лумановски на кларинет и актерот Васил Зафирчев како наратор.
„Сон. Верба. Љубов“ е длабоко емотивно звуковно патешествие до срцевината на нашата традиција и културна разноликост. Комбинација на авторска, филмска музика и изворно македонско творештво. Спој на композиции кои Бојаџиев ги создал за филмовите „До Балчак“, „Сенки“ и „Војната заврши“, композиции од неговиот албум „Љубовта е патот“, елементи од турската, ромската и албанската музика, кои авторот ги соединува во една автентична целина со современ пристап, збогатена со суфистичката поезија на големиот поет и филозоф од 13. век, Џелалудин Мевљана Руми.