ВЕЧЕР НА ФРАНЦУСКА ШАНСОНА

Во рамките на програмата на „Велес град на културата 2015“, а по повод одбележувањето на месецот на франкофонијата, на 12 март годинава, во салата „Бели Мугри“ се одржа Вечер на француската шансона. На настанот што го организираше Општина Велес настапија учениците од француската секција при гимназијата „Кочо Рацин“, Тина и Никола Божикови и пејачката Нада Талевска во пијано придружба на Илија Настовски.

Посетителите во преполната сала имаа можност да уживаат во изведбата на Наде Талевска на класичните опери, но и модерните француски поп хитови. На настанот присуствуваа и проф. д-р Снежана Петрова, претседател на Здружението на франкофони на Македонија и госпоѓа Марија Николова одговорна за Франкофонијата при Министерството за образование и наука. Тие изразија задоволство од развојот на франкофонијата во Велес и пред се интересот на младите генерации за францускиот јазик и култура. Општина Велес ќе го одбележи месецот на франкофонијата со уште два културни настани на 18 и 20 март посветени на францускиот филм и литература.