Форум со работодавачи и Инфосредба со младите во Општина Велес
Со цел подобрување на соработката и јакнење на социјалниот дијалог помеѓу работовачите, единиците на локалната самоуправа и државните институции, денес во Општина Велес се реализираа проектите „Форум со работодавачи” и „Инфосредба со млади”.
Целта на Форумот со работодавачите беше да се презентираат поволните мерки и активности кои што им се на располагање на претставниците на бизнис секторот при вработување и ангажирање на лица за потребите во своите капацитети.
Денешниот настан го отвори градоначалникот Славчо Чадиев кој во своето обраќање истакна дека сите заедно имаме една иста цел, а тоа е да помогнеме во намалување на невработеноста преку создавање услови за перманентен развој на бизнис секторот и профилирање кадри што му се потребни на бизнис секторот во неговиот долгорочен планиран развој.
-„За Општина Велес овој Форум и сите средби на тема вработување се од огромно значење од повеќе причини. Прва и основна цел е задржувањето на младите луѓе во Велес преку можности за нивно вработување. А за да се оствари тоа општината инвестира во изградба на инфраструктура, уредување на индустриски зони и зони за туристички развој, во обезбедување логистика за Регионалната стопанска комора, но и во континуирано следење на промената и потребите за преквалификување, доквалификување и воведување нови образовни профили во средното стручно образование.” – истакна градоначалникот Чадиев.
По средбата со претставниците на бизнис секторот се организираше „Инфосредба со млади” oд Општина Велес, на која се презентираа можностите што им се нудат на младите лица да се вработат и почнат со сопствен бизнис. Целта на ваквите Инфосредби е да се информираат младите луѓе за активните мерки за нивно вработување, но и да им се предочат сите поволности кои се нудат се со цел тие полесно да дојдат до вработување.
Организацијата овие настани е во тесна соработка меѓу Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување на Република Македонија, Националниот совет за претприемништво и конкурентност, УНДП и Единиците на локалната самоуправа.