Проект за вработување на лица со попречености

Денес во медиотеката на Локалната библиотека „Гоце Делчев“, УСАИД во соработка со Општина Велес го организираше четвртиот регионален промотивен настан на кој беа претставени проектните активности и успешните приказни на лица со попреченост кои се вработиле или добиле практикантски ангажман преку проект на оваа меѓународна организација.
На настанот учествуваа претставници од општините од Вардарскиот плански регион, како и од компании, невладини организации и јавни институции.

Проектот на УСАИД за практикантска работа и вработување на лица со попреченост има за цел: подобрување на вештините за вработување на лицата со попреченост преку обуки и практикантска работа; препознавање на способностите на лицата со попреченост и нивно правилно насочување на работното место преку обуки за преставниците од компании и јавни институции за менторско водење на лица со попреченост; поддршка на лицата со попреченост да започнат сопствен бизнис и зголемување на свеста кај јавниот и приватниот сектор за потенцијалите на лицата со попреченост.
Ова цел се остварува со подобрување на нивните вештини за вработување преку организација на пракси и обуки, како и учество во кампањи за подигнување на јавната свест со што ги прави овие прашања повидливи за приватниот сектор и локалните заедници.
Проектот започна во август 2012 година и ќе трае четири години. Помошта од проектот е наменета за лицата со попреченост од Скопје, Велес, Куманово, Штип, Пробиштип, Свети Николе, Тетово, Гостивар, Струга, Дебар и Кичево.