Градоначалникот Славчо Чадиев денес беше дел од утринската програма на Канал 5 Телевизија

Градоначалникот Славчо Чадиев денес беше дел од утринската програма на Канал 5 Телевизија, каде што информираше за текот на проектот „Велес - Град на културата за 2015 година” и настаните кои следат во месец Април.
-„Знаете дека е полесно да се искачиш до врвот отколку да останеш таму. Затоа ние сите заедно, општината, уметниците и граѓаните на Велес даваме се од себе да останеме на врвот во културата во Република Македонија. Сега немаме ни една причина да не успееме затоа единственото нешто што ни недостигаше – соодветен простор за реализирање на културните настани од поголем профил, го имаме, тоа е новата театарска зграда”. - рече градоначалникот Чадиев

Динамиката на културни збиднувања за месец април комплетно е акцентирана на театарската уметност. Инаку, овој месец покрај обележување на значајни настани и датуми од македонската историја, како што се Солунските атентати, велешани ќе имаат можност да проследат и многу настани на отворено како што се манифестациите Априлијада, Велигденско јајце и Роденден на планетата Земја. Притоа предвидени се и промоции на книги и ликовната уметност.
Иако во агендата на проектот „Велес – Град на културата”, можат да се препознаат љубителите на бројни уметности, таа секогаш останува отворена за проширување и дополнување со нови содржини.