Реновиран е пензионерскиот дом во Велес
Велешките пензионери oд денес добија подобри услови за престој. Свечено беше пуштена во употреба реконструираната просторија во домот каде секојдневно своето време го поминуваат 100-тина пензионери. Обновена е трпезаријата, поставени се четири телевизори, реконструирани се санитарните јазли, а има и посебна просторија за љубителите на шах.
На манифестацијата која се одржа на вториот ден од големиот христијански празник „Христовото Воскресение – Велигден”, присуствуваше и градоначалникот Славчо Чадиев, а благослов упати свештенството на Повардарската епархија. На отворањето на реновираните простории настапи и хорот „Пензионери” под водство на Димче Митрев. Во наредниот период пред Здружението на пензионери од Велес, на чие чело од неодамна се наоѓа г-динот Веле Алексовски, се поставени нови приоритети, за чие реализирање се предвидени бројни проекти.