Ден на Командата за обуки и доктрини
Во касарната „Алекса Демниевски – Бауман” во Велес денес се одржа свеченост по повод Денот на Командата за обука и доктрини (КОД).
На настанот присуствуваа заменик-началникот на Генералштабот (ГШ) на АРМ генерал-потполковник Насер Сејдини, командантот на КОД полковник Љупчо Костовски, градоначалникот Славчо Чадиев, претставници од Министерството за одбрана и ГШ на АРМ, команданти на потчинетите команди и единици на ГШ на АРМ и други гости.
Со одлука на претседателот на Република Македонија за определување на денови на единиците на Армијата на Република Македонија, за Ден на КОД е одреден 15-ти април, како датум кога во 1992 година зачекорија првите војници-регрути во касарните на АРМ, во независна и самостојна Република Македонија.
Основна мисија на КОД е да ја организира, координира и реализира индивидуалната обука за војниците, питомците, подофицерите и офицерите од активниот и резервниот состав на АРМ, како и поддршка на колективната обука на командите и единиците на АРМ и развој на доктрините и научените лекции. Во нејзин состав се наоѓаат центрите за обука, полигоните и вежбалиштата во АРМ. КОД досега успешно организираше 25 курсеви на доброволно служење на воениот рок, а континуирано ги реализира основниот и напредниот курс за подофицери, со што обезбедува потполна реализација на Концептот за професионален развој на подофицери и професионални војници во АРМ. Со новата трансформација, КОД се стекна со капацитети за развој на Центар за симулации, а голем придонес даде со изработката на голем број упатства, правила и доктрини од различни области на функционирањето на Армијата.