2 години - Градоначалник на Општина Велес, м-р. Славчо Чадиев
Почитувани граѓани,
Пред точно две години, на 19.04.2013 година, од страна на ОИК Велес на свечен начин го добив Уверението за верификација на мандат за Градоначалник на Општина Велес за периодот 2013 – 2017 година и официјално започнав со вршењето на оваа функција.
Во изминатиов период, имајќи ја поддршката од Советот на Општина Велес и Владата на Република Македонија, напорно работевме за да ја оправдаме вашата доверба. Неуморно и посветено реализиравме повеќе од 95 % од понудените проекти, за кои Вие ни дадовте мандат да ги спроведеме. Со овој нов начин на работа успеавме да постигнеме видливи резултати, со кои го направивме Велес, поубаво место за живеење. Заедно успеавме да направиме дела со кои ќе се гордеат идните генерации.
Голема е мотивацијата за остварување кога тоа што го работиш ќе остане запаметено. Уште позначајно е кога знаеш дека работиш за својот град. За остварување на подобро утре, но и подобро денес.
Но, најголема мотивација сте токму Вие почитувани сограѓани, особено младите велешани кои заслужуваат да живеат во средина што ги задоволува сите стандарди на квалитетен и модерен урбан простор, Вашата безбедност, здравје и образование. Свесни за одговорноста што ја носиме пред граѓаните во ниту еден момент не се поколебавме и не почувствувавме недостаток на енергија.
Во таа насока е и неуморната борба за отворање што поголеми можности за претставување на општината во регионот и пред меѓународната заедница, со единствена цел привлекување на инвеститори што со изградба на нови капацитети ќе создадат услови за нови вработувања.
Ви благодарам за секоја порака и пофалба, за секоја добронамерна критика и укажување во изминативе две години. Тие се нашиот коректор во работата, тие се изворот на нашата енергија, моторната сила што не води напред во развојот на општината, во нејзиното обликување. Свесен сум дека само така ќе можеме на идните генерации да им оставиме пристојно и сигурно место за живеење во кое тие ќе останат, а ние ќе остариме.
Останувам и понатаму да бидам градоначалник на сите граѓани на Општина Велес, без оглед на која политичка опција припаѓаат, притоа не отстапувајќи од дадените ветувања за кои граѓаните ни ја дадоа нивната доверба.
Искрено Ваш!
Славчо Чадиев, Градоначалник на Општина Велес
Велес, 19.04.2015 година