Државен натпревар на млади техничари и природници
Во организација на Сојузот на клубовите на младите техничари и природници на Македонија, денеска во Велес се одржа 52-иот Државен натпревар. На натпреварот учество земаа 300 ученици од 120 основни училишта од Република Македонија кои освоиле први места на регионалните натпревари. На државното првенство беше присутен и претседателот на Советот на Општина Велес, Александар Колев.
Учениците се натпреваруваа во 23 дисциплини: агротехника, автоматика, астрономија, астронаутика, бродомоделарство, воздухопловно моделарство, градежништво и архитектура, екологија, електроника, конструкторство, метеорологија, кино и видео техника, компјутерска техника, применета биологија, применета географија, применета математика, применета физика, применета хемија, радио техника, ракетно моделарство, роботика, сообраќајно моделарство и фото техника.
Повеќе од сто ментори на учениците беа присутни на натпреварот, а оценувачките комисии беа составени од наставници, универзитетски професори и соработници. Целта на натпреварите е да го поттикнат иновативниот дух кај младите и уште од најрана возраст да ги развивијат нивните презентациски и натпреварувачки способности.
Меѓу победниците се најдоа и тројца велешани и тоа: Зоран Нацев - автоматика од ООУ „Св. Кирил и Методиј”, Димитар Дечев - роботика од ОOУ „Васил Главинов” и Стојан Илиев - астронаутика од ОOУ „Васил Главинов”.