Посета на фабриката Маркарт во Романија
На 30-ти април годинава, градоначалникот Славчо Чадиев со претставници на општинската администрација ја посети фабриката на „Маркарт“, во Сибиу, Романија.
Во фабриката отворена во 2005 година, денес работат околу 2000 лица на површина од 30.000 м². Во рамките на престојот, градоначалникот Чадиев оствари средба со господинот Матијас Дренкоф, заменик претседател на компанијата и членови на менаџерскиот тим кои ги презентираа податоците за работата на фабриката како и производите на Маркарт: електронски уреди за возила кои денес се вградуваат во најголемите светски автомобилски брендови „Ситроен“, „Фолксваген“, „БМВ“, „Мини Морис“, „Мерцедес“ и други. Како што беше кажано на средбата, дел од овие проиводи ќе се произведуваат и во фабриката во Велес. Менаџерите на „Маркарт“ најавија брз раст и зголемување на бројот на вработени во велешката фабрика со планиран раст за 5 години да ја достигне големината на инвестицијата во Сибиу со 2000 вработени.
При посетата, градоначалникот Чадиев имаше можност да го види целиот производствен процес во кој се користи софистицирана ласерска и компјутерска технологија, а се сретна и со група велешани кои во Сибиу престојуваат на обука за нивните нови работни места во „Маркарт“ - Велес.