Се одбележа денот на сесловенските просветители
Денес во Општина Велес во пресрет на Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, се одржа свечена академија на која беа наградени најдобрите просветни работници. Најуспешни поединици за 2015 година се: Весна Сарагинова, вработена во ООУ „Благкој Кирков” Велес, која ја доби наградата за Најдобар наставник во предметна настава и Љубинка Р’тоска, вработена во ССОУ „Димитрија Чуповски“ на која и припадна признанието за Најдобар наставник во средно образование.
Во чест на празнувањето на просветителството, пригодно обраќање имаше градоначалникот Славчо Чадиев, кој воедно и ги врачи признанијата на најуспешните. Во неговото обраќање пред присутните, градоначалникот Чадиев истакна дека секое навраќање на 24 Мај силно го разгорува во нас чувството на припадност на својот народ и на својот јазик, на корените што се длабоко навлезени во личниот идентитет на секој Македонец. –„Денес само во Велес работат 720 просветители – наставници во основно и средно образование. Тие секојдневно со писмото на Кирил и Методиј отвораат нови хоризонти пред иднината на овој град – нашите деца. Тие ја носат одговорноста за цвртстината на најважната алка во континуитетот на опстојувањето на македонскиот јазик и култура.” – истакна градоначалникот Славчо Чадиев.На свеченоста, уметничкиот дел гo збогатија оперските арии што во чест на празникот ги изведе Благица Поп Томова во пијано придружба на проф. д-р Милица Шкариќ.