Балетот „14 часа“ претставен пред велешани
Хит претставата „14 часа“ на националниот балет при Македонската опера и балет од Скопје вечерва беше изведена на сцената на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“.
Оваа шеесетминутна современа балетска претстава која е една од најизведуваните, преку ликовите Лили и Марк, во 12 сцени ги разработи женско-машките односи. Истата е инспирирана од авторското изведувачко дуо Александра Мијалкова и Васил Чишијашвили, а во неа учествуваа и сите првенци и солисти на Македонската опера и балет.
Балетската претстава „14 часа“ е работена според музиката на Кирил Џајковски, кореографијата и сценографијата е на нашиот светски познат современ играч и кореограф Игор Киров. Режијата и либретото се на Наташа Поплавска, а костимографијата е на Александар Ношпал.