НАСКОРО ЌЕ БИДАТ ПУШТЕНИ ВО УПОТРЕБА И ТЕНИСКИТЕ ТЕРЕНИ ВО ГРАДСКИОТ ПАРК

Денешната посета на директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески беше искористена и за увид на тениските терени во Градскиот парк каде што од неодамна беа завршени активностите за нивна изградба. Според она што од лице место можеа да го видат директорот Спасески и градоначалникот Чадиев комплетирани се градежните работи, обележан е теренот а многу скоро се очекува да пристигнат и да се постават спортските реквизити.

Пуштањето во употреба на тениските терени драстично би ги подобриле условите за работа и тренинг на тенисерите и тренерите. Со ова ќе се финализира спортскиот комплекс во градскиот парк, кој опфаќа терени за мал и голем фудбал, игралиште за одбојка на песок и спортската сала „Гемиџии" со сите нејзини содржини.