Пуштено во употреба новото спортско игралиште во с. Иванковци
Денес во селото Иванковци беше пуштено новото спортско игралиште кое ќе биде повеќенаменско. Изградбата ја финансираше Агенцијата за млади и спорт како дел од проектот на Владата на Република Македонија за изградба на 100 повеќенаменски игралишта, а вкупната сума потребна за реализација на овој проект изнесуваше околу 8.000.000 денари.
Игралиштето свечено во употреба го предадоа директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески и градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев. Истото се простира на површина од 1300 квадратни метри, овозможува одржување на тренинзи и натпревари во мал фудбал, кошарка, ракомет и други спортови, а поставени се и рефлектори, со што ќе може да се користи и во вечерните часови. Спортски терен од ваков тип моментално се гради и во селото Караслари. Денешниот ден кога жителите на ова велешко село го прославуваат верскиот празник Св. Троица, беше искористен и за посета на месното население при што се разговараше на повеќе теми со кои би се подобриле условите за живот во овој дел на општината.