ДИМИТРИЈА ДУРАЦОВСКИ СО РОМАНОТ „БЛЕДИ СЕНКИ” Е ДОБИТНИК НА РАЦИНОВОТО ПРИЗНАНИЕ ЗА 2015 ГОДИНА

Годинешните Рацинови средби – 52-ри по ред се реализираат по пат на делегирана надлежност на Здружението на граѓани ИФАД „Стоби“. Организаторот согласно програмата што ја понуди за оваа културна манифестација од национално значење ја задржа поентата на средбите – негување на култот кон личноста и делото на Рацин достојно на неговата историска величина и значење за македонската култура и литература.

Денес, десетина дена пред почетокот на една од најпознатите поетски манисфестации, на пресконференција во Народниот театар „ЈХК Џинот” беше соопштено и името на добитникот на наградата Рациново признание за 2015 година.
Жири-комисијата во состав Паскал Гилевски – писател, Марија Георгиева Димова и Емилија Шелева - професорки на Филолошки факултет и теоретичарки на книгата, соопшти дека донеле одлука Рациновата награда за оваа година да му се додели на писателот Димитрија Дурацовски за романот ,,Бледи сенки”. Новина е што од годинава признанието се доделува за прозна книга која е иновација во форма, содржина и структура.
На денешниот настан беше објавено и името на добитничката на ново востановената награда ,,Антологија на болката” за дебитантска необјавена книга поезија од современ млад поет. Toa e Сузана Мицева за книгата ,,Мостот на копнежите”.
Претходно, беше објавено и почесното Рациново признание коешто оваа година ќе го добие Олга Панкина, писателка и преведувачка од Русија која живее и твори во Македонија.Оваа наградата се доделува за афирмација и промоција на македонската литература и култура надвор од границите на Македонија.
Инаку овогодинешната манифестација ги содржи основните параметри по кои е препознатлива – поетски митинг и доделување рацинови признанија, но суштински и програмски се нуди едно ново видување, еден сосем различен концепт во чекор со времето и интересите на младата публика за која во суштина и е наменета манифестацијата.
Свежината што ќе ја внесе младата интелектуална, пред се уметничка елита во приодот и презентацијата на рациновите вредности се очекува да донесе нови квалитети и многу поголем интерес на вкупната македонска јавност за оваа манифестација.