СВЕЧЕН КОНЦЕРТ ПО ПОВОД 70 ГОДИНИ ОД ПОСТОЕЊЕТО НА ОМУ „СТЕФАН ГАЈДОВ”

Вчеравечер во салата „Бели Мугри”, Општинското музичко училиште „Стефан Гајдов“ од Велес со свечен концерт одбележа 70 години од постоењето и 110 години од раѓањето на својот патрон. На концертот со популарните дела од класичната музика од Моцарт, Бетовен, Бах Хајдн, Шопен Дворжак, Бах, Шуберт и други композитори на пијано, виолина, виолончело, флејта, кларинет и гитара настапија најдобрите ученици од ова училиште, со поддршка и придружба на своите професори и ментори.

Основното музичко училиште од Велес е прво во Република Македонија, а еден од неговите основачи е токму Стефан Гајдов роден во Велес, а кој по Втората светска војна основал повеќе основни музички училишта во земјава. Гајдов е еден на најпознатите македонски и балкански музиколози, музички педагог, професор, учебникар, диригент и композитор.