Гемиџиите на новото време по 17-ти пат запловија по Вардар
Следејќи ја традицијата на Гемиџиите и велешките трговци, учесниците на 17-та „Вардарска регата Гемиџии“ утрово тргнаа кон Гевгелија. Пред тоа сите учесници и присутни делегации оддадоа почит со положување на цвеке на Гемиџиите пред нивниот споменик на брегот на Вардар.
Вардарската регата е еден сублимат од историја и емоции. Емоциите се поврзани со името на револуционерите што гемијата ја избраа за симбол на својата борба за Македонија!
Општина Велес на оваа манифестација гледа со посебен респект затоа што го обединува целиот град. Спортистите, здруженијата на граѓани, стопанските субјекти, културните работници и ентузијастите
Годинава караванот на Вардарската регата се организира по повод 112 години од солунските атентати. Регатата ја сочинуваат околу 100 лица кои ќе пловат по водите на Вардар се до Гевгелија каде ке биде означен и крајот.
Свечениот чин на запловување го означи градоначалникот на Општина Велес Славчо Чадиев кој симболично во водите на реката Вардар фрли венец, и со гемијата заплови по реката Вардар заедно со останатите учесници.
„ Таа ја пренесува приказната на велешките трговци од времето кога за Велес со почит се зборувало во Влашко и Солунско, кога се внесувал овде духот на европските цивилизациски достигнувања. Но гемијата е цврсто врзана и со револуционерите што трајно ја обележија македонската борба за слобода и самобитност, нашите Гемиџии од чии подвизи годинава обележавме 112 години. Во нивна чест и во слава денес ќе заплови Вардарската регата во знак на почит кон саможртвата, идејата, младите животи и сонот што е наше јаве.”. – истакна градоначалникот Чадиев.
На манифестацијата присуствуваа и свештени лица од Повардарската Епархија, претставници од повеќе велешки организации, АРМ и СВР-Велес.