Свечено се затвори проектот „Етно работилници“
Општина Велес, проектот „Етно работилници“ го реализираше во соработка со ЗГ „Разбој“. На свеченоста што се одржа во Куќата на Касапови, градоначалникот на Општина Велес Славчо Чадиев им додели дипломи за успешна реализација на проектот на сите ученици , како и благодарници на координаторите и на професорите кои вложија голем труд.
Во рамки на проектот во текот на 10 работни дена, во куќата на Рацин, Главинов, Касаповии и Џинот се одржаа четири работилници: грнчарска, столарска, ткајачка и работилница за изработка на накит. На работилниците во кои учествуваа четириесет ученици од 5-те основни училишта од градот од VI и VII одделение инструкторите им ги пренесоа своите знаења и вештини.
Во краток период, младите занаетчии успеаја да ги создадат своите први занаетчиски производи и да се упатат во тајните на старите занаети.
Работилниците придонесоа за зајакнување на свеста на младите генерации за значењето на етнолошките вредности на Велес и Македонија преточени во занаетчиството. Според најавите, успехот на работилниците ќе биде дополнителен поттик овие проектни активности да преминат во традиција со цел да се сочуваат и промовираат старите занаети.