Учесниците на фоклорниот фестивал на прием во Општина Велес
Спектарот од бои, народни шари и насмеани лица од амфитеатарот на Младинскиот парк се пресели денес во општинската зграда.
На прием кај градоначалникот на Општина Велес Славчо Чадиев и претседателот на Организациониот одбор на ИФФ Томе Јаневски дојдоа преставници на фолклорните ансамбли од Турција, Романија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Естонија и Полска за да ги пренесат првичните впечатоци од престојот во Велес и да се заблагодарат на гостопримството, граѓаните и организаторите што токму тие ја имаат привилегијата да бидат учесници на 12-тиот Интернационален фолклорен фестивал во Велес.
Градоначалникот Чадиев им се заблагодари на гостите што со својот фолклор и позитивна енергија и овој пат докажаа дека се најмоќните амбасадори на своите земји и промотори на својата култура. Г-динот Јаневски не го криеше задоволството што продолжува да негува пријателството меѓу ансамблите и земјите од каде што тие доаѓаат со нови, млади играорци, но и со ветерани што се редовни учесници на овој, веќе реномиран и стандардизиран интернационален фолклорен фестивал. Следните денови гостите ќе имаат можност да ги посетат знаменитостите на градот здобивајќи се со незаборавни мигови на дружење и пријателство.