Денес навршуваат 64 години од смртта на народниот учител Панко Брашнар

Денес, Општина Велес во соработка со Општинската организација на борци од НОВ одбележаа 64 години од смртта на народниот учител, Панко Брашнаров – илинденецот од двата Илиндена, затвореникот од сите режими, непоколебливиот правдољубец и борец за Македонија. Во негова чест пред споменикот се поклонија делегации од Општина Велес, АРМ, ОО на СЗБ од НОВ, преставници на институциите од градот, здруженија на граѓани и политички партии. По положувањето на букети цвеќе, пригодно обраќање за животот и револуционерниот пат на Панко Брашнаров одржа историчарот Слободан Ников.

Тој потсети дека Брашнаров е еден од најголемите македонски револуционери, учител, идеолог и прв потпретседател на Президиумот на АСНОМ. Панко Брашнаров е роден во Велес во 1883 година и бил учесник од Илинден до балканските и двете светски војни. Избран е за народен пратеник и претседавач на Првото заседание на АСНОМ и член на АВНОЈ. По неколку години работа во штотуку организираната држава тој бил приведен како приврзаник на ставовите во Резолуцијата на Информбирото. Прогласен е за непријател на власта и испратен на злогласниот остров Голи Оток каде што починал на 13 јули 1951.