Велес го слави делото на заштитникот Св. Вмч. Пантелејмон

Со Празнична вечерна богослужба на која чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г-дин Агатангел во сослужение со свештениците од Епархијата, а во очи на големиот ден, започна чествувањето на празникот на Велес. Храмот на патронот Св. Вмч Пантелејмон беше претесен да ги прими сите верници што дојдоа да присуствуваат на овој свечен чин.

Откако се изврши поклон пред иконата на светителот, празнувањето продолжи во дворот на црквата со поздравни обраќања на Градоначалникот Славчо Чадиев и Митрополитот Агатангел. Од нивна страна на присутните граѓани им беа упатени честитки за претстојниот празник посветен на Светиот Великомаченик Пантелејмон, чувар на здравјето и спокојот на велешани.
Во уметничкиот дел на програмата на присутните граѓани имаа можност да уживаат во настапот на камерниот црковен хор „Св. Великомаченик Пантелејмон“ и драмската игра „1840 – почетокот“. Обележувањето ќе заврши утре со Света божествена литургија.
Инаку за велешани овој храм има посебно значење, според пишаните документи во минатото кога во Велес царувала чумата и други болести неговите жители подигнувајќи му го храмот побарале од светецот Пантелејмон да ги заштити од сите зла. Тој тоа и го сторил а велешани во знак на благодарност светецот Пантелејмон го слават сите овие години но оставаат и аманет на помладите да ја почитуваат и продолжат традицијата на чествување.