Училишното ѕвонче го означи почетокот на новата учебна година

Денес со првото училишно ѕвонче отпочна новата учебна 2015/16 година. Градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев, во свое лично име, од име на Советот на Општина Велес и од името на сите граѓани на Велес, упати честитки за првиот училишен ден и на сите ученици им посака низа успеси во новата наставна година.
Оваа година според работната агенда, градоначалникот ги посети учениците од ООУ„Св. Кирил и Методиј“ и ССОУ „Коле Неделковски”. На најмалите, на првачињата градоначалникот Чадиев им порача дека од денес училиштето е нивниот втор дом.
„Слушајте ги родителите и наставниците и учете. Од денес Ваш најголем другар и пријател е книгата. Таа ќе Ви ги отвори сите врати кон иднината и ќе Ви помогне да ја одберете вистинската професија.” – рече градоначалникот Чадиев во своето обраќање.
Успешен почеток на новата учебна година, градоначалникот им посака и на учениците кои своето образование денес го продолжија во средното стручно училиште Коле Неделковски.
„Овие претстојни 4 години се исто толку важни и за нас, за Општина Велес и Република Македонија затоа што од знаењето што овде ќе го стекнете, од одлуките што во овој период ќе ги донесете зависи како ќе ја градите својата иднина, иднината на градот и на државата.” – истакна градоначалникот Чадиев пред велешките средношколци.
Општина Велес уште еднаш на сите ученици кои денес ја започнаа школската година им посакува успешен почеток на школувањето. Овие ученици нека бидат генерација која ќе донесе многу меѓународни и државни награди на училиштата, генерација со која ќе се гордеат родителите, училиштата и општината.



