Камен темелник на новата црква Свети Јован Крстител

Денес (недела) на денот кога Светата православна црква го празнуваше споменот на Светите маченици Мирон и Патрокле, се изврши осветување на камен - темелник на нова црква во Велес. Новата црква ќе биде посветена на на светиот пророк и претеча Јован Крстител, a истата се наоѓа во населбата „Тунел” во близина на месноста „Багремче”.
Осветувањето на камен-темелникот го извршија Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, Митрополитот Повардарски г. Агатангел и Митрополитот Дебарско – Кичевски г. Тимотеј во сослужение со бројното свештенство. На чинот на осветувањето присуствуваа министерот за одбрана Зоран Јолевски, градоначалникот Славчо Чадиев, пратениците во македонското собрание и многу други верници кои го проследија овој настан во благопријатна молитвена атмосфера. Пред чинот на осветување на камен-темелникот, Архиепископот Стефан и Митрополитите Агатангел и Тимотеј отслужија Света Божествена Литургија во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Велес.






