14-ти Интернационален фестивал на античка драма „СТОБИ 2015“

Вчеравечер, во Народниот театар „ЈХК Џинот“ започна 14-тото издание на Интернационалниот фестивал на античка драма.
Во името на ЗГ „Стоби“, многубројната публика ја поздрави директорот на фестивалот Зоран Љутков кој упати благодарност до сите институции, организации и компании кои и годинава го поддржаа ИФАД „Стоби“.
На самиот почеток градоначалникот Славчо Чадиев упати посебен поздрав до креаторите на ова 14-то издание на Интернационалниот фестивал за античка драма „Стоби“ и на ансамблот на велешкиот театар „ЈХК Џинот“ предводен од директорот Јордан Витанов.
„Огромно е задоволството по четиринаесетти пат да се биде дел од уникатниот по содржина театарски колаж наречен „Стоби“ и да се почувствува магијата на изразот на античките писатели преку модерниот израз на оваа генерација уметници – како на сцената, така и оние зад сцената што ја овозможуваат нивната современа креација“-рече градоначалникот Чадиев
Фестивалот за отворен го прогласи Министерката за Култура, Елизабета Канческа-Милевска.
На самото отворање на сцена се претстави турскиот театар со претставата „Антигона“ а претходно се одржа концерт на „Тони Китановски трио“.
Годинава за жал го немаме задоволство да уживаме во автентичната атмосфера што ја нуди амфитеатарот на античкиот локалитет „Стоби“ каде веќе подолго време се изведуваат археолошки и конзерваторски работи.
Од Националната установа Стоби добивме укажување дека амфитеатарот во Стоби е небезбеден за одржување било какви активности – како за актерите, така и за публиката.
Но од друга страна пак, организаторите на ИФАД „Стоби“ , имаат привилегија да ги користат ресурсите на новата театарска зграда на велешкиот театар и да ги искористат сите технички перформанси што таа ги нуди за сите 8 театарски ансамбли – четири домашни и четири странски.
Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби 2015“ ќе трае до 22-ри септември кога ќе бидат и доделени и Гран при наградите за најдобра претстава најдобра женска и машка улога и најдобра режија . Во чест на наградените, актерите од велешкиот театар ќе ја одиграат претставата „Кралот Иби“.



