Средба со Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство

Денес во посета на Велес беше Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски. Во рамки на посетата тој најпрво оствари средба со градоначалникот Славчо Чадиев а потоа направи увид и на Градскиот пазар. Од тезга на тезга, даваше сугестии и објаснувања за безбедноста на производите, а од продавачите на пазарот доби мислења и предлози за подобрување на работењето.
-„Храната на пазарот треба да биде безбедна, затоа треба да се видат условите во кои таа се продава и нормално ние како агенција да сугерираме доколку забележиме одредени неправилности. Тоа е и целта бидејки сите знаеме дека во пазарните денови од тука најмногу се купува и најмногу се консумира храната па мораме ние како агенција да бидеме сигурни за да бидат и потрошувачите сигурни.“ - рече директорот Поповски.

Посетата на Локалната самоуправа беше искористена и за дискусија со градоначалникот во поглед на плановите за изградба на нов затворен градски пазар. Од страна на директорот беше презентирана регулативата и прописите кои мора да ги исполни еден објект од таков тип.
-„Ние мислиме дека во септември би почнале со реализацијата на тој крупен проект кој што би траел и повеќе од шест месеци. Затоа денес сакаме да ги искористиме сознанијата од директорот за точно да знаеме на кој начин и каде треба да се сместат одредени производи. Значи местото, локациите, потребните хигиенски услови, затоа што едно е да се има отворен, а сосема друго затворен градски пазар.” - напомена градоначалникот Чадиев.
Според статистиките на Агенцијата за храна велешкиот пазар е еден од најпосетените во земјата. Тој е регионален центар за продажба на земјоделски производи во Повардарието и пошироко.