Отворен дневниот центар за лица со оштетен вид
Денес во Велес беше свечено беше отворен Дневниот центар за лица со оштетен вид. Станува збор за партнерски проект на МТСП и Општина Велес. Овој проект е дел и од Националната стратегија на лицата со инвалидност и на Локалниот акциски план на Општина Велес за лицата со инвалидност. После набавката на Брајовиот печатар ова е втор проект за две години што Општина Велес го реализира за овие граѓани.
Објектот во употреба го предадоа министерот за труд и социјала Диме Спасов, градоначалникот Славчо Чадиев и велешките пратеници во македонското собрание Илија Димовски и Ѓорѓи Коџабашиев.
-„Ова очекуваме да прерасне во установа која ќе им даде голема помош на оние семејства и родители кои имаат слепи дечиња или пак деца со оштетен вид.” – рече министерот Диме Спасов.
Отворањето на дневниот центар ја потврдува заложбата на Локалната самоуправа за создавање услови за активен живот на сите категории граѓани.
-„Дневниот центар што денес се предава во употреба е во површина од 60м² од кои 35м² се занимална, останатиот дел е мини кујна каде лицата ќе бидат обучувани сами да приготвуваат храна. Во рамките на тие 60 квадрати се и купатилата за персоналот и корисниците на Центарот. За адаптација на овој простор Општина Велес издвои 800.000 денари.” – рече градоначалникот Славчо Чадиев.
Општина Велес во соработка со Владата на Република Македонија и Министерството за труд и социјала остануваат и понатаму да ги слушаат потребите на сите категории на граѓани, да ги поддржат во намерите и желбите да изградат поубав свет за себе и своите пријатели.
Во рамките на денешната посета на Министерот за труд и социјала, во медиотеката на градската библиотека беше промовирана и едицијата со аудио книги. Истата содржи 50 наслови.