Замокот од цвеќе „Равале" од денес го краси Велес
Одбележувајќи го 9-ти Ноември, Денот на Општина Велес и најзначаен празник на градот традиционално се слават и пријателите кои со текот на годините прераснаа во вистински партнери на градот.
При денешните обележувања беше промовиран и резултатот од пријателството со збратимениот град Шербур Октевиљ од Регионот Долна Нормандија, република Франција.
Замокот свечено го промовираа градоначалникот Славчо Чадиев и Катица Јанева од Здружението на Агенциите за локална демократија АЛДА. Во своето обраќање градоначалникот истакна дека верува во целта, оваа атрактивна макета да го привлече интересот на граѓаните да осознаат нешто повеќе за нашиот збратимен град Шербур Октевиљ и активно да учествуваат во ова значајно билатерално пријателство.
-„Би сакал во оваа пригода да упатам искрена благодарност до Амбасадата на Република Франција во Република Македонија, Советот на Регионот Долна Нормандија, Здружението на Агенциите на локална демократија-АЛДА за поддршката и координацијата на овој значаен проект.” – рече градоначалникот Чадиев.
По посетата на Шербур во мај годинава, учениците од Велес го избраа замокот Равале како една од највредните културни знаменитости на Шербур-Октевиљ за да го преточат во атрактивна локација која со сигурност ќе биде една од најпосетените од нашите граѓаните на Велес.
Со голем ентузијазам и посветеност професорите и учениците од Велес, со помош на архитектите од општината, компанијата „Брако-Холдинг“ и ЈКП „Дервен“ го создаваа првиот цветен споменик на едно трајно пријателство.
-„Особена благодарност би сакал да упатам до компанијата „Брако-Холдинг“ која на учениците им овозможи со вистински професионалци да ја направат конструкцијата на замкот Равале во рамките на нивната практична работа и покажа што значи вистинска општествена одговорност на една компанија во интерес и на нашата локална заедница, но и во интерес на промоцијата на Република Македонија. Воедно, упатувам благодарност до Јавното-Комунално претпријатие „Дервен“ за нивната професионална помош како и до сите поединци, професори и ученици кои се дел од овој значаен проект.” – напомена градоначалникот.
Макетата на Замокот, изработена од 200 пластични шишиња и 3000 садници цвеќе чија порака за сите граѓани, а особено децата и младите генерации на Велес е да го чуваат архитектонското наследство и да ја заштитуваат животната средина затоа што тие се одраз на културата и одржливиот развој. Тие се највредното наследство што им го оставаме на идните генерации.