Нов модерен воз пуштен во сообраќај

Македонија добива најмодерни возови. Денес беше пуштен во сообраќај првиот нов електромоторен воз на Македонски железници АД Транспорт, набавен од Кина.

По промоцијата на скопската Железничка станица, возот се упати кон Велес, а во него се возеа премиерот Груевски, владини министри и медиумски екипи. Ним на Железничката станица во Велес каде се вршат завршните реконструктивни зафати, ги пречекаа градоначалникот Чадиев, претседателот на Советот Александар Колев, заменик-министерот за здравство Јовица Андовски и останати граѓани.

-Денес е историски ден за македонскиот железнички транспорт. Помината е цела една историја во која никој не се погрижил да набави нови возови за македонските граѓани. Жално е што ниту една влада не се сетила на македонски железници, на македонските патници и станици, а од друга страна горди сме што стартуваме со крупни проекти кои севкупно ќе го подобрат имиџот на железничкиот сообраќај во Република Македонија. На почетокот од оваа година ги пуштивме во употреба 150 нови транспортни вагони, инвестиција вредна 13,2 милиони евра. Ќе пристигнат уште пет нови возови, капитална инвестиција од околу 25 милиони евра, изјави премиерот Груевски.

Изработен е согласно техничките стандарди за интероперабилност на ЕУ.

- Тековните проекти за купување нови возови и вагони, за реновирање на железничките станици, на халите за одржување, како и за обнова и изградба на нови железнички пруги, посочи премиерот, претставуваат вкупна инвестиција вредна 600 милиони евра. Вакви капитални инвестиции во Железницата не се направени повеќе од 30 години наназад. Со истото темпо продолжуваме и во наредниот период, рече премиерот Никола Груевски. Со вицепремиерот Зоран Ставрески, министерот за транспорт Владо Мисајловски, претставници на кинеската компанија и на МЖ Транспорт и кинескиот амбасадор во Македонија Вен Жен Шун беа меѓу првите патници на промотивното возење.

Министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски вели дека ова е исполнување на уште едно ветување дадено до граѓаните.

-Денеска ја испишувам историјата во Македонски железници. Децении и децении наназад чекавме кога по нашите пруги ќе возат модерни возови, што ги забележуваме во развиените земји. Од денеска македонските пруги ќе возат нови возови. Она што го ветивме пред граѓаните, го остваруваме, потенцираше Мисајловски.

ЦРРЦ, информира министерот Мисајловски, согласно договорот на МЖ Транспорт треба да испорача уште еден електромоторен воз до крај на годинава, а во првиот квартал следната година четири воза на дизел погон.

- Железницата од денеска влегува во нова ера во која граѓаните ќе почувствуваат што е квалитетен, брз и удобен транспорт. Овој воз со капацитет од 200 патници е еден од најсовремените произведени возови, направен согласно сите стандарди на ЕУ, рече Мисајловски. Во истовреме со пуштањето на новиот воз, оцени, значајно ешто завршуваат активностите за обнова на Железничката станица во Скопје, во што се инвестирани 2,6 милиони евра и оти се во тек такви активности за реконструкција на уште десет железнички станици долж Коридорот 10, вложување од 2,5 милиони евра, рече тој.

Активно се работи, како што рече и на целосно железничко поврзување на Коридорот 8, со обнова и изградба на пруги.

Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески рече дека ова е само дел од големиот инвестициски циклус во железницата.

-Купувањето на овој воз е резултат на една крупна одлука што како Влада ја донесовме во 2012 година за започнување на голем инвестициски циклус во железницата кој вреди повеќе од 600 милиони евра и вклучува купување на нови возови и вагони, изградба на нови и реконструкција на постоечките пруги, рехабилитација и надградба на железничките станици и реновирање на халите за одржување на возовите, изјави Ставрески.

Новиот воз е со капацитет за 200 патници и ќе сообраќа на пругите каде што има електрично напојување. Возот е со електронска табла за управување, камери наместо ретровизори, монитори за кабината на машиновозачот, климатизирани вагони, електронски дисплеи за означување на станиците, вакуум-тоалети.

Од кинеска ЦРС, Македонија набави шест воза, два електромотрони и четири на дизел погон, со вкупен капацитет за 1.200 патници. Според договорот, останатите пет воза треба да бидат испорачани на почетокот на следната година.

Инвестицијата за набавката изнесува 25 милиони евра.