48-ми детски рацинови средби

Општина Велес има десетина традиционални манифестации и фестивали по кои се препознава во земјава и светот, но несомнено она што е поврзано со името на Рацин е бренд за градот. Секој може да организира колонии, изложби, фолклорни и театарски фестивали, но само Велес може да има литературни настани посветени на најголемиот и единствениот Рацин.

Детските Рацинови средби имаат многу поголемо значење и важност од Средбите што се посветени на возрасните. Тие ја остваруваат истата цел – го негуваат делото на Коста Солев Рацин и го презентираат пред светот. Но мисионерската улога на пренесување на големината и значењето на Рацин на младите генерации, на нашата иднината, на оние кои ќе продолжат да ги негуваат традицијата, јазикот и културата на Македонците, е она што ги прави Детските Рацинови средби единствени.

Годинава тие се одржуваат во рамките на проектот „Велес град на културата“. Тоа е уште една причина повеќе што ја зголемува нивната големина. Тие се детски, тие зрачат со младост и убавина а се одржуваат по 48-ми пат. Голем дел од организаторите и менторите се сеќаваат на своето учество како деца на Средбите и со многу нескриени емоции им ја пренесуваат на учениците љубовта кон Кочо Рацин.

Од оваа година училиштата ги координира и поврзува Клубот на писатели „Кочо Солев Рацин“ кому Општина Велес му ја делегираше надлежноста на манифестацијата.