Француска вечер во Велес

Општина Велес беше домаќин на Француска вечер- билатерален културен настан за промоција на францускиот јазик и култура. Во улога на домаќин, м-р Славчо Чадиев Градоначалник на Општина Велес, на француската амбасадорка Лоранс Оер и ја претстави макетата на замокот Равале од Шербур во Младинскиот парк како и изложбата посветена на сакралната архитектура во Велес и Велешко отворена во ликовниот салон.

Градоначалникот Чадиев ирази задоволство од можноста за зајакнување на соработката со република Франција и нагласи дека франкофонијата во Велес има силни исторски и културолошки корени. Амбасадорката Оер го нагласи значењето на сакралната архитектура како непроценливо културно наследство на Македонија и изрази подготвеност за поддршка на активностите за конзервација преку ангажирање на истакнати француски експерти од Лувр и  Петит Пале со кои веќе остварила контакт.

Во однос на цветниот замок во Велес, амбасадорката Оер рече дека претставува убав пример на водечкиот тренд во Европа за разеленување на објектите  кои се вистински изолатори и позитивно влијаат на климата и заштитата на животната средина.

Во Француското катче при народната библиотека „Гоце Делчев“, професорите по француски јазик и нивните ученици  имаа можност да ја проследат презентацијата на Францускиот институт од Скопје за програмите за изучување на францускиот јазик во Македонија. Како што истакна госпоѓа Марки-Барбо, директорка на Институтот, на располагање на младите генерации се нови интерактивни алатки за изучување на францускиот јазик.

Институтот ги претстави и можностите за студирање во Франција.

Француската вечер беше заокружена со промоција на филмот „Не е негов тип“ во режија на Лукас Белво. Пред почетокот на филмот велешката публика во народниот театар „ЈХК-Џинот“ со едноминутно молчење им оддаде почит на жртвите на тероризмот во Париз. Пред  промоцијата на филмот присутните ги поздравија Градоначалникот м-р Славчо Чадиев кој ги презентираше сите проекти што Велес ги реализира со Република Франција. „ Велес во својата историја ја има вградено франкофонијата како израз на културната размена и растежот на многу генерации.

И денес многу велешки семејства ги чуваат спомените на своите предци кои преку високото образование и трговијата во 18-от и 19-от век ги вградија изразите на француската култура овде во срцето на Македонија. Истовремено, во Франција оставија свој белег и трајни вредности во колективната меморија на двата народи“, рече Градоначалникот.Амбасадорката Оер  изјави дека е трогната од сочувството и пријателството на Велешани. Таа го изрази и своето воодушевување од убавината на новиот театар во Велес  и најави продолжување на успешната билатерална соработка. Со цел да се развива франкофонијата во Велес, во иднина се планираат нови проекти и активности.