„Ден на дрвото - засади ја својата иднина“
Oколината на комуналната депонија беше локацијата каде во рамките на 16-тата по ред Национална акција „Ден на дрвото 2015” се засадија околу 80.000 листопадни садници на површина од 20 хектари. Река од ученици и нивните наставници, вработени во администрацијата, јавните претпријатија, припадници на АРМ, вработени од ЈКП „Дервен" и граѓани на Велес активно се вклучија во акцијата „Ден на дрвото" за да придонесат во создавањето на здрава и чиста животна средина за сегашните и идните генерации.
Заедно со граѓаните денеска беа и градоначалникот Славчо Чадиев, заменик-министерот за здравство Јовица Андовски, како и останати функционери од централната и локалната власт кои се вклучија во годинешната акција за пошумување.
„Стандардно Велес има добар одзив на оваа акција. Во првиот дел од акцијата дојдоа 10 автобуси на оваа локација. Тоа значи дека и понатаму свеста за здравата животна средина е на многу високо ниво.“ – истакна градоначалникот Чадиев.
„Со секое засадено дрво ја подобруваме животната средина и човековата околина, а со тоа се зголемува и квалитетот на животот на секој граѓанин.“ - рече заменик-министерот за здравство Андовски.
Според најавите од ЈП „Македонски шуми“- Подружница „Бабуна“ акцијата за пошумување на оваа и уште локации во околината на Велес ќе продолжи и во наредните денови. Во изминатите години се пошумуваше на неколку локации во околината на Велес и тоа на ридот Гроот, во непосредна близина на езерото „Младост“, во близина на населбата Превалец, на автопатот Велес - Скопје и на други локации.