Новогодишна свеченост на Општина Велес
Во салата „Бели Мугри“ денес се одржа традиционалната Новогодишна свеченост на Општина Велес. Најуспешните поединци за 2015 година и овојпат беа во фокусот на вниманието. Присутните гости во салата од името на Општина Велес ги поздрави градоначалникот Славчо Чадиев кој упати благодарност на сите поединци, организации, институции, заедници и медиуми кои се вградија во успешните проекти и активности на општината во годината што изминува.
-„Овој пат, на крајот на оваа календарска година имам да кажам многу. Зад нас е една исклучително успешна и плодна година во која во сите области од работата постигнавме многу успеси. Минатата година од ова исто место дадов ветување за изградба на неколку круцијални инфраструктурни објекти, а изградивме двојно и тројно повеќе. Ветував од мое име од име на Советот, дека ќе продолжиме со истиот интензитет од 2014, а направивме двојно и тројно повеќе и во образованието, и во спортот, и во социјалната и здравствената заштита, и во комуналната сфера и во урбанистичкото планирање, и секако во културата.“ - истакна меѓу другото градоначалникот Чадиев во своето новогодишно обраќање.
Општина Велес оваа година ги издвои и ги награди најуспешните поединци во МВР-СВР Велес, во Територијалната професионална противпожарна единица, во Општинската организација на Црвениот крст, во ЈКП „Дервен“, во Регионалната комора на занаетчиите и во ПЕ на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. За најуспешни оваа година се прогласени:
• Ивица Илиќ – водиш на безбедносен реон во ПС при СВР-Велес;
• Божидар Драскачев – пожарникар-возач во ТППЕ Велес;
• Лефтер Николов – хуманист-крводарител, активист на ОО на Црвениот крст;
• Стојна Михајлова – најдобар работник во ЈКП „Дервен”;
• Раско Стојановски – занаетчија, плочкар и
• Драган Јовановски – индивидуален земјоделец.
Новогодишната свеченост беше повод да се промовираат и новите стипендисти на Општина Велес за учебната 2015/2016 година. Тоа се средношколците:
• Игор Андреевски;
• Камелија Дукова;
• Надица Мицева;
• Наталија Чанева;
• Тања Илиевска;
• Сара Богоевска;
• Викторија Петровска и
• Андреј Кодовски.
И студентите:
• Панче Ѓуров;
• Кирил Дончов;
• Клементина Ѓорѓиевска;
• Даниела Иванова;
• Александра Тодорова;
• Катерина Стојанова;
• Надица Шкрекова и
• Страхил Тодоров.
Ним наградите им ги додели членот на Советот Петре Саздов кој воедно им честиташе на стипендијантите за успехот порачувајќи им тоа да претставува сатисфакција за уште поголеми резултати.
На свеченоста беа доделени и наградите на најдобрите учесници на конкурсот за собирање на отпад за рециклирање кој локалната самоуправа го распиша како дел од грижата за чиста и здрава животна средина. Оваа година признание за најуспешно училиште доби ООУ „Св. Кирил и Методиј” поради собраните 4.95 килограми отпад по ученик.
Посебно доживување на Новогодишната свеченост во салата „Бели Мугри“ беше настапот на оркестарот и пејачката група на Ансамбл „Керамичар”, кои со избрана празнична музика на присутните гости им ги честитаа претстојните Новогодишни и Божиќни празници.