Новогодишен „Енерџинет“ за промоција на енергетската ефикасност
Со поддршка на Европската Унија и Министерството за локална самоуправа, на 28 и 29 декември годинава, Општина Велес организираше настан насловен како „Новогодишен Енерџинет“.
Промоцијата на овој значаен проект започна на 28 декември во детската градинка „Димче Мирчев“ каде најмладите со Дедо Мраз изведоа претстава со пораки за штедење енергија. Тие заедно со учениците од основните училишта „Благој Кирков“ и „Блаже Конески“ проследија и презентација посветена на енергетската ефикасност. На 29 декември во Младинскиот парк се организираше настан со цел да се испрати порака до најмладите велешани за значењето на одржливата енергија. „Едноставно, одлучивме да го споиме корисното со практичното и преку оваа весела предновогодишна атмосфера да им се овозможи на децата да научат нешто ново за енергетската ефикасност. Како што можете да видите реализацијата на проектот „Енерџинет“ е во полн ек. Во финална фаза е подготовката на документацијата за тендерот за изградба на термоизолациони фасади на 5 објекти во градинката „Димче Мирчев“. Доставена е канцелариската и компјутерската опрема за новата канцеларија за енергетска ефикасност што ќе ја отвориме во рамките на проектот, а во подготовка се и активностите за 2016 година“- рече Петре Саздов, член на Советот на Општина Велес. Со овие активности најмладите велешани се вклучија во проектот „Енерџинет“ чија цел е да ја промовира одржливата енергија кај сите генерации на Велес.