Ивица Андoнов го фати светиот крст во Велес

Дваесет и седум годишниот Ивица Андонов беше најсреќен од 56-мината велешани кои годинава се фрлија во водите на Вардар во потрага по светиот крст.

Традиционално големиот христијански празник Богојавление – Водици на бреговите на Вардар собра голем број граѓани. Овојпат, Андонов успеа најбрзо од сите да дојде до светиот крст што Митрополитот на Повардарската Епархија г. Агатангел го фрли во водите на Вардар. На осветувањето на водата на реката Вардар оваа година присуствуваше и градоначалникот Славчо Чадиев и пратениците од Велес во Собранието на Република Македонија. Претходно, прославата на празникот на Богојавлението во Велес започна со Света Божествена Литургија во храмот „Св. Спас“, на која чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на целото свештенство од Велес. Потоа, од храмот „Св. Спас“ беше формирана литија до мало мовче од каде што се изврши осветувањето на водите на реката Вардар и беше фрлен чесниот и животворен крст во водите.