Санирана е велешката Спомен Костурница
Во завршената реконструкција на Спомен Костурницата од НОВ во Велес денеска увид направи министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска заедно со директорот на Националниот конзерваторски центар Мемет Селмани, градоначалникот на Oпштина Велес Славчо Чадиев и директорите на културните институции од градот.
Канческа-Милевска информираше дека во реконструкцијата на овој значаен споменик на културата од НОВ, која траеше во изминатите неколку години, Министерствто за култура од својот буџет издвоило 4,5 милиони денари.
Најпрво, рече таа, беше извршена надворешна екстериена реконструкција на Костурницата со заштитен слој да се заштити внатрешноста од прокиснување од дожд и снег, потоа е извршена и внатрешна реконструција, како и реконструкција на вредниот мозаик во внатрешноста кој е дело на академик Петар Мазев.
- Објектот е спцифичен затоа и реконструкцијата беше детално правена, а се со цел да се заштити овој значаен споменик на културата. Со извршената санација, она што граѓаните на Велес го очекуваа и е значајно за градот, верувам дека овој значен споменик на културата повторно ќе си го најде своето значење и важност, изјави министерката за култура.
Таа информираше дека во договор со директорката на Народниот музеј Велес, четири скулптури од Станко Павлески кои се во музејското депо, ќе бидат поставени во внатрешноста на Спомен-костурницата, а претходно ќе се реставрираат со средства од Министерството.
Градоначалникот Чадиев најави дека напролет ќе се изврши и хортикултурно уредување на околината на Спомен-костурницата од НОВ, ќе се обнови дел од електриката и дека ќе побара од надлежната агенција да се постават безбедносни камери за превентива од несовесни посетители. Во кругот на Спомен-костурницата, пак, на барање на Сојузот на борците од НОВ, ќе се постават дел од преостанатите бисти на загинати борци од НОВ од Велес и Велешко.
Министерката Канческа-Милевска при посетата најави и дека во Програмата за култура на Министетството за оваа година ќе се реновира и црквата „Свети Пантелејмон“ во Велес, за која ќе се изработи проект за дел од архитектурата и ќе се изврши конзервација на фрескоживописот.
Таа посочи и дека се реновираат фасадите на старото градско јадро на Велес, во месноста Варналиите. Веќе е избрана фирма која во наредните два месеца под надзор на Националниот конзерватирски центар ќе реновира две стари куќи во ова старо градско јадро на градот.
Во однос на фасадите, директорот на Националниот конзерваторски центар Мемет Селмани посочи дека ќе се реновираат во зависност од временските услови во наредните два месеца.
- Наместо планираните пет, ќе се реконструираат две стари градски куќи бидејќи имавме проблеми со сопствениците, рече Селмани.
Министерката Канческа-Милевска ја оцени како мошне успешна културната манифестација „Велес - Град на културата 2015“ во која се одржаа над 180 културни манифестации во градот. Таа им се заблагодари на директорите на установите на културата од градот и на градоначалникот Чадиев за успешно реализираната манифестација.
- Ме радува и тоа што овие манифестации се одржаа во значајните објекти, како новиот театар во Велес, во куќите на уметноста во градот: на Касапови, на Јордан Хаџи Константинов-Џинот и на Кочо Рацин, како и во други значајни објекти на културата, што придонесе за нивно заживување, потенцира Канческа-Милевска.