Средба на градоначалникот Чадиев со велешките пензионери.
Градоначалникот Славчо Чадиев во рамките на своите активности денес оствари работна средба со членовите и раководството на Здружението на пензионери од Велес. На средбата беше потенцирана оценката за досегашната успешна соработка меѓу Општина Велес и Здружението.
Претседателот на здружението Веле Алексовски за време на средбата со градоначалникот Чадиев изрази благодарност за континуираната поддршка на повеќе полиња што општината им ја дава во последните неколку години.
Градоначалникот Чадиев истакна дека Локалната самоуправа во континуитет ги следи потребите на пензионерите и се труди во рамките на своите можности секогаш да им излезе во пресрет.
Од негова страна беше напоменато дека оваа година е последна од времетраењето на Стратегијата за стари лица 2012-2016, за што е потребно да се започнат активности за изготување на нова стратегија која најдобро ќе ги отсликува приоритетите и потребите на оваа категорија граѓани.
Здружението на пензионери е еден од поактивните чинители во јавниот живот на општината, кое со своето искуство дава поддршка и активно учествува во реализацијата на голем број проекти од интерес на граѓаните на Општина Велес.