Велес го одбележа Денот на пролетта
Денес на плоштад „С’рмаале“ се одржа манифестацијата „Денови на пролетта“ со слоган „Размислувај глобално, делувај локално“. Носители и организатори беа ЕД „Вила Зора“ и Општина Велес, а учесници учениците од сите основни училишта, и дечињата од Детската градинка „Димче Мирчев“.
Манифестацијата „Денови на пролетта“ е поздрав на младоста и потребата од здрава животна средина. Како што се буди пролетта да се обидеме да ја разбудиме и совеста за приоритет во начинот на живот и заштитата на животната средина.
Пораката на велосипедистите беше да се одбере превоз што не загадува, да се спортува, да се живее здраво.
Иако сеуште е присутрен синдромот на вандализам – уништување на урбаната опрема, на зеленилото, сепак тоа само од поединци и изолирани групи.
„Есента сите заедно го разубавивме градот со поправка и реновирање на забавните паркови. Сведоци сме дека таа опрема деновиве пак се оштетува. Ние повторно ќе ја поправиме зошто таа е за нашите деца и мора сите да ја чуваме. Денешната порака е да ја чуваме природата, да го чуваме она што таа го создава, но да го чуваме и она што ние го создаваме, за да можеме да создадеме уште повеќе. Да не вложуваме во поправки, туку во нова урбана опрема“- рече градоначалникот Чадиев.
Утре во училиштата и во градинката ќе се засадат 100 садници, со што уште еднаш се потврдуваат нашите напори за создавање здрави навики на децата – иднината на овој град.