Заврши проектот „Етно-работилници 2016“
Денес свечено беше затворен проектот „Етно работилници“ што Општина Велес го реализираше во соработка со ЗГ „Разбој“ и советот на Млади на Општина Велес.
На свеченоста што се одржа во Куќата на Касапови на учесниците и менторите градоначалникот на Општина Велес Славчо Чадиев им доделени дипломи за успешна реализација на проектот. Во рамките на проектот во текот на 7 работни дена, во куќата на Рацин, Џинот, Главинов и Касапови се одржаа 5 работилници: грнчарска, столарска, ткајачка и работилниците за копаничарство и изработка на накит.
На работилниците во кои учествуваа ученици од основно и средно образование, инструкторите им ги пренесоа своите знаења и вештини. Во краток период, младите занаетчии успеаја да ги создадат своите први занаетчиски производи и да се упатат во тајните на старите занаети.
Работилниците придонесоа за зајакнување на свеста на младите генерации за значењето на етнолошките вредности на Велес и Македонија преточени во занаетчиството.
Според најавите, успехот на работилниците ќе биде дополнителен поттик овие проектни активности да преминат во традиција со цел да се сочуваат и промовираат старите занаети.