Одбележани 65 години од смртта на Панко Брашнаров
Вечерва Општина Велес одбележаа 65 години од смртта на народниот учител, Панко Брашнаров – илинденецот од двата Илиндена, затвореникот од сите режими, непоколебливиот правдољубец и борец за Македонија.
Во негова чест пред споменикот на плоштад „Панко Брашнаров“ се одржа свечена академија „Во спомен на учителот“ по што се поклонија пред неговото дело и оддадоа почит, делегации од Општина Велес, ОО на СЗБ од НОВ, преставници на институциите од градот, здруженија на граѓани и политички партии.
По положувањето на букети цвеќе, пригодно обраќање за животот и револуционерниот пат на Панко Брашнаров одржа историчарот Илија Василески.На денешното чествување, од страна на градоначалникот Славчо Чадиев на членови на семејството на Брашнаров им беше доделена копија од Спомен плакета издадена во 1969 година по повод 25 години од АСНОМ, а која од непознати околности никогаш не завршила во нивни раце, туку истата била чувана во просториите на велешкиот музеј.
Одбележувањето на шеесет и пет годишнината од трагичната смрт на народниот учител Панко Брашнаров продолжи со музички колаж од македонски патриотски песни во изведба на Ванчо Тарабунов.
Претходно, во негова чест во Ликовниот салон беше поставена и изложбата насловена „Панко Брашнаров од истакнат национален борец до жртва на комунистичкиот режим“, дело на м-р Илија Василески.
Говорот на Панко Брашнаров со кој е отворено Првото заседание на АСНОМ
„Другарки и другари народни претставители,
Во овој момент, во ова историско место "Св. Отец Прохор Пчињски" и на овој историски ден - ИЛИНДЕН -, кога објавуваме да е отворено Првото антифашистичко собрание на народното ослободуење на Македонија, душата ми е преполнета со радост и пред премрежните очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња и Вардар до Места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропаста на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава.
Во овој момент, земјата на нашите покојници - многубројни народни герои, паднали и посејали коските си по цела Македонија, им станује по лека и они во мир веќе го гледат изгревот на нашата слобода, гледат идеалната дружба на старите Илинденци - на Гоце Делчев и денешните Илинденци - младата македонска војска и поставените темели за остварението на идеалот на две поколенија, на две епохи - слободна, обединета Македонија.
Другари народни претставители, жив сум свидетел на два Илиндена - 1903 и 1944 година. Во моите спомени се нижат безброј моменти за илинденскат народна епопеја и Крушовската Република. Бескрајни беа напорите на вооружениот македонски народ, огромна беше жеждата му за слобода, борбата го дари со слободна Крушовска Република. Но, разјарениот башибозлук и турската регуларна војска се нафрлија и го затрупаја оазисот на слободна Македонија - Крушовската Република, го потушија востанието и го стегнаја искрвавениот македонски народ во ново ропство.
Животворниот извор на слободата не секна. Македонија ја поделија, ропствата се менија, но борбата на македонскиот народ не престана. Кога сите поробени народи се дигнаја против денешниот непријател на целото човечество - фашизмот, и македонскиот народ се нареди во таја борба. Тој во неа виде возможност да ја помогне општата борба на сите поробени народи и целото слободољубиво човечество и да го оствари својот вековен национален идеал.
И ете, како резултат на тригодишни крвави борби, македонскиот народ ја врза својата судбина со судбината на сите југословенски народи, помогна со крв и борба да се дојде до нова, братска, демократска држава.
Денеска на фториот, славен Илинден, последен Илинден на неослободена Македонија, се стават темелите на македонската држава, во која се обедини и заживее нашиот народ онаков среќен живот, каков го заслужува по своите претрпени ропски маки и петвековни броби.
Да е жива нашата мила македонска држава!”